Учениците од петто одделение со нивните одделенски наставници Мирослав Митиќ, Маја Дрндаревска, Сузана Младенова под менторство на наставничката Љупка Ангеловска- Таневска ја посетија Сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Целта на посетата беше да дознаат повеќе за тоа како се проучуваат земјотресите и како научниците ги мерат движењата на Земјата.
Кога пристигнаа, љубезните вработени ги пречекаа и ги поведоа низ просториите на опсерваторијата. Таму разгледаа сеизмографи, апарати со кои се бележат потресите на земјата. Научија дека секое мало тресење остава линија на хартија или на компјутер, а од тие линии научниците дознаваат колку бил силен и каде се случил земјотресот.
Слушнаа и кратко предавање за тоа како луѓето треба да се однесуваат за време на земјотрес: да останат смирени, да заземат безбедна положба под маса или покрај ѕид и да не користат лифт.
Учениците со голем интерес поставуваа прашања, а научниците трпеливо одговараа. На крајот сфатија дека оваа институција е многу важна за нашата држава, бидејќи ни помага навреме да добиеме информации и да се заштитиме од последиците на земјотресите.



